Складиште на Светската здравствена организација (СЗО) во близина на Киев било погодено во текот на ноќниот воздушен напад врз украинската престолнина и околината.
Од СЗО соопштија дека пристапот до објектот засега е ограничен поради чадот и безбедносните услови. Во тек е проценка на материјалната штета, како и на евентуалните загуби на медицинската опрема и залихи.
Според портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, во инцидентот нема повредени или погодени членови на персоналот на организацијата.
Ова не е прв случај годинава да биде оштетена инфраструктура која СЗО ја користи за складирање и дистрибуција на хуманитарна медицинска помош во Украина.
Во август беше погодено складиште во Днипро, при што бил уништен или оштетен значителен дел од медицинските резерви наменети за помош на околу 225.000 луѓе кои живеат во близина на фронтот или во тешко достапни подрачја.
Уште еден објект во близина на Киев, кој исто така бил користен од СЗО, претрпел оштетувања во текот на големиот бран напади врз главниот град во јули.
Од организацијата предупредуваат дека нападите врз складишта претставуваат сериозен проблем за хуманитарните операции. Според СЗО, во текот на 2026 година биле регистрирани најмалку 20 напади врз складишта со хуманитарна опрема, од кои 15 биле објекти во кои се чувала медицинска помош.
По последните инциденти, СЗО веќе обезбедила алтернативни локации за складирање, со цел да се намали ризикот од прекин на доставата на неопходната медицинска помош.

