Голем дефект на примарната водоводна линија на улицата „Леце Котески“ во Прилеп предизвика поплавување на дворот и дел од објектите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ).
Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ се на терен и работат на отстранување на дефектот, а паралелно се врши и испумпување на насобраната вода. Во интервенцијата се вклучени и Дирекцијата за заштита и спасување, како и припадници на ТППЕ-Прилеп.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека санацијата се изведува со особена претпазливост поради присуството на електрични кабли во непосредна близина, со цел да се избегнат дополнителни ризици и несакани последици.
И покрај тоа што дефектот се наоѓа веднаш до објектот на противпожарната единица, одговорните уверуваат дека ТППЕ функционира без прекин и останува целосно подготвена за интервенции доколку се појави потреба.
Поради обемот на работите, жителите од овој дел на Прилеп денеска и во текот на утрешниот ден ќе се соочат со нарушено водоснабдување.
Градоначалникот Дејан Проданоски побара разбирање и трпение од граѓаните, истакнувајќи дека надлежните служби вложуваат максимални напори за дефектот да биде саниран што е можно побрзо и водоснабдувањето целосно да се нормализира.

