Швајцарската скијачка Мишел Гизин наскоро ќе стави крај на неизвесноста околу својата спортска иднина. Двократната олимписка шампионка најави обраќање пред медиумите следниот вторник, кога ќе соопшти дали планира да продолжи со натпреварувачкото скијање или ќе се повлече од професионалниот спорт.
Нејзината иднина е неизвесна по сериозната несреќа што ја доживеа во декември 2025 година, за време на тренинг на патеката за спуст во Сент Мориц. При падот, 32-годишната Швајцарка ги скина предните вкрстени лигаменти, а претрпе и повреди на зглобот, рамото и вратниот дел од ‘рбетот. Повредите биле толку сериозни што постоела опасност од трајни последици, вклучително и парализа.
По долги месеци посветени на рехабилитација, Гизин неодамна повторно се врати на снегот. Повторното облекување на скиите претставува важен момент во нејзиниот обид да се врати на највисоко натпреварувачко ниво.
Сепак, враќањето на тренинзите сè уште не значи дека сигурно ќе ја гледаме во Светскиот куп. Пред неа се неколку можни сценарија. Едно од нив е враќање на големата сцена за Светското првенство во 2027 година, кое ќе се одржи во Кранс-Монтана. Друга можност е камбек во сезоната 2027/2028, додека третата опција е завршување на кариерата.
Гизин зад себе има резултати по кои ќе остане запаметена во светското алпско скијање. На Зимските олимписки игри во 2018 година во Пјонгчанг и во 2022 година во Пекинг освои златни медали во алпска комбинација. На светските првенства има уште три одличја.
Во Светскиот куп досега забележала 291 настап, 22 пласмани на подиумот и две победи.
Сега, по тешката повреда и неизвесниот период на опоравување, сите погледи се насочени кон вторник, кога ќе стане јасно дали една од најуспешните швајцарски скијачки одлучила да продолжи да се бори за нови спортски успеси.

