Бразилската фудбалска легенда Роналдињо повторно ќе заигра на официјален натпревар, и тоа на 46-годишна возраст. Поранешниот освојувач на „Златната топка“ ќе го облече дресот на италијанска Равена, клуб во кој има сопственички удел, а неговиот бренд „R10“ веќе се наоѓа на клупските дресови.
Од клубот потврдија дека неговото враќање на теренот е планирано за 15 ноември, кога Равена ќе се соочи со Форли во дербито од третото ниво на италијанскиот фудбал. Натпреварот треба да започне во 17:30 часот на стадионот „Бруно Бенели“.
Договорот меѓу Роналдињо и раководството на Равена бил постигнат уште во август, со план бразилскиот мајстор да одигра најмалку еден официјален натпревар за тимот.
Од клубот не го криеја возбудувањето поради најавениот настап на еден од најпрепознатливите фудбалери на својата генерација. Роналдињо е познат по својата техника, дриблинзите и препознатливата насмевка, со кои ги освои љубителите на фудбалот ширум светот.
„Постојат играчи што ги паметиме по трофеите, но и такви што остануваат запаметени по магијата што ја создаваа на теренот. Роналдињо е еден од ретките шампиони што го претвораат фудбалот во чиста радост“, порачаа од италијанскиот клуб во своето соопштение.
Бразилецот остави длабока трага во светскиот фудбал, особено со настапите за Барселона и Пари Сен Жермен. Во 2005 година ја освои „Златната топка“, а со бразилската репрезентација триумфираше на Светското првенство во 2002 година.
Неговото појавување во дресот на Равена се очекува да привлече големо внимание, а градското дерби со Форли добива дополнителна тежина поради најавата дека публиката повторно ќе може да го види легендарниот Бразилец на фудбалскиот терен.

