HomeГЛОБУСТРАМП СО НОВИ НАПАДИ: ЈА НАРЕЧЕ СОМАЛИЈА „ЗЕМЈА ЗА НИШТО“

ТРАМП СО НОВИ НАПАДИ: ЈА НАРЕЧЕ СОМАЛИЈА „ЗЕМЈА ЗА НИШТО“

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции со навредливи изјави за Сомалија и демократската конгресменка Илхан Омар, која е родена во оваа африканска земја. За време на настан во Овалната соба во Белата куќа, Трамп ја омаловажуваше Сомалија, а на прашање за можните правни последици за Омар одговори дека таа би можела да заврши во затвор.

Американскиот претседател упати критики и кон сомалиската заедница во сојузната држава Минесота, тврдејќи дека таа ѝ нанела штета на државата и дека дел од нејзините припадници не треба да живеат во САД.

Настанот, на кој беше претставена нова програма со буџет од 25 милиони долари за наградување граѓани кои пријавуваат измами, прерасна и во жестока расправија со новинарот Ендру Фајнберг од „Индипендент“. Трамп го навредуваше новинарот, а во нападите се вклучи и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој го нарече имбецил.

Запрашан за можните последици од истрагата поврзана со имиграциските документи на Илхан Омар, Трамп рече дека конгресменката би можела да заврши во затвор. Потоа продолжи со лични напади, нарекувајќи ја нечесна личност која, според него, не ја сака Америка.

Омар, која е американска државјанка со сомалиско потекло, првпат беше избрана во Конгресот во 2018 година. Трамп и претходно упатуваше остри критики кон неа и кон сомалиските имигранти во САД.

Изјавите доаѓаат во период кога федералните истражители ја проверуваат конгресменката. Според медиумските извештаи, на 12 октомври агенти извршиле претрес во нејзиниот дом во Вашингтон врз основа на судски налог, во рамките на кривична истрага поврзана со имиграциски документи.

Омар ги отфрли обвинувањата и оцени дека станува збор за политички мотивиран обид за заплашување. Нејзините адвокати побарале враќање на предметите одземени при претресот и ја оспориле основаноста на истрагата. Досега, според доставениот извештај, против конгресменката не е поднесено кривично обвинение, а наводите за измама не се докажани пред суд.

Тензиите во Белата куќа дополнително се зголемија кога новинарот Фајнберг се обиде да постави прашање за преуредувањето на јавен терен за голф во паркот Ист Потомак во Вашингтон. Трамп го прекина пред да го доврши прашањето и го праша дали е болен.

„Колку што знам, не сум, господине“, одговори новинарот, по што претседателот продолжи со критиките кон него.

Потпретседателот Венс подоцна објави снимка од расправијата на социјалната мрежа Икс и го нарече новинарот имбецил. Фајнберг му возврати дека, ако веќе сака да го навредува, треба отворено да го означи неговиот профил.

Новинарот подоцна објави текст во „Индипендент“, во кој го опиша инцидентот и порача дека ја извршувал својата професионална должност.

Настанот повторно го отвори прашањето за односот на американскиот претседател кон новинарите и политичките противници, во време на зголемени политички тензии пред конгресните избори во САД.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО