Легендарниот капитен на Рома и поранешен италијански репрезентативец Франческо Тоти не успеа да ги задржи солзите за време на промоцијата на својата автобиографија „Oltre“ во Рим. Пред семејството, пријателите и навивачите, 50-годишниот поранешен фудбалер отворено зборуваше за смртта на татко му, тешкото збогување со фудбалот и нарушените односи со своите деца по разводот со телевизиската водителка Илaри Блази.
Најемотивниот момент настапи кога се присети на својот татко Енцо, кој почина во 2020 година од последици поврзани со коронавирусот. Тоти раскажа колку голема улога имал татко му во неговото воспитување и кариера, постојано поддржувајќи го и следејќи ги неговите натпревари. Понекогаш патувал со пријатели со кампер-возило и по неколку дена само за да биде покрај својот син.
„Тој беше мојот најголем потпорен столб. Ме научи на почит, пристојност и вистински животни вредности. Се грижеше да не ми недостига ништо и ме сакаше без постојано да мора да го кажува тоа“, раскажа Тоти.
Потоа со скршен глас зборуваше за болката што ја чувствува по загубата. „Само јас знам колку страдав и колку сè уште страдам. Тоа се моменти што е тешко да се објаснат. За мене тој беше човек број еден, добар и благороден. Би дал сè повторно да биде покрај мене, само за да можам да му кажам дека го сакам“, рече поранешниот фудбалер, по што се расплака.
Тоти се осврна и на крајот на својата играчка кариера, кој за него бил особено тежок. На 28 мај 2017 година го одигра последниот натпревар за Рома, клубот во кој ја помина целата своја сениорска кариера, од 1993 до 2017 година. Иако знаел дека еден ден ќе мора да се повлече, призна дека не бил подготвен за таков крај.
„На некој начин, како да умрев. Тоа беше разделба што не ја посакував и за која не се чувствував подготвен. Знаев дека сè има почеток и крај, но моето збогување беше болно и поинакво од она што го замислував. Не можев да прифатам што се случуваше и се чувствував изгубено“, откри тој.
Поранешниот капитен на Рома призна дека и денес размислува за смртта и дека таа мисла често го следи. Се потсети и на својот близок пријател Синиша Михајловиќ, истакнувајќи дека сè уште го чувствува неговото присуство.
Во текот на промоцијата Тоти зборуваше и за приватните проблеми, особено за односот со трите деца – Кристијан, Шанел и Изабел, кои ги има од бракот со Илaри Блази. Двојката ја објави разделбата во јули 2022 година, по што следуваа судски спорови поврзани со имотот и семејните обврски. Разводот официјално беше потврден во јули 2026 година.
Тоти призна дека односите со децата во моментов не се такви какви што би сакал и дека настаните по разделбата оставиле последици врз семејството. Сепак, се надева дека со текот на времето повторно ќе се зближат.
„Јас сум татко и верувам дека таткото треба да се почитува. Можеби тие не знаат, или не сакаат да знаат, колку ги сакам и колку ги почитувам. Би сакал истото да го добијам и од нив. Поради разводот бев изложен на жестоки критики, а нашиот однос сега не е идеален. Се надевам дека кога ќе созреат, ќе разберат како навистина стојат работите“, изјави Тоти.
Тој додаде дека меѓу нив имало расправии, недоразбирања и оддалечување, но дека најважно му е повторно да функционираат како семејство.
„Сакам да поминувам повеќе време со нив, но и тие да одвојуваат време за мене. Сакам повторно да бидеме блиски. Она што се случило не можеме да го смениме, времето не може да се врати“, порача тој.
Покрај семејните теми, Тоти зборуваше и за можноста повторно да се врати во Рома, каде што по завршувањето на кариерата кратко работеше како директор. Клубот го напушти во 2019 година, а тврди дека во изминатите седум до осум години никој не го контактирал со конкретна понуда за враќање.
„За средба се потребни двајца. Не можеш сам со себе да одржиш состанок. Во сите овие години никој не ми се јавил. Очигледно, од другата страна имаат поинакви идеи за животот и работата. Тоа го прифаќам, но јас секогаш ќе бидам тука за Рома“, рече Тоти.
Неговите зборови предизвикаа силна реакција кај присутните навивачи, кои почнаа да скандираат „Ти си Рома“. Тоти им се заблагодари, но ги замоли да престанат.
Вечерта ја одбележа и изненадувачкиот видеоповик од актуелниот тренер на Рома, Џан Пјеро Гасперини. Тоти му честиташе за враќањето на клубот во Лигата на шампионите, а двајцата во пријателски разговор се пошегуваа и се договорија повторно да се сретнат на заедничка вечера.

