Голем пожар избувнал во канадската воена база „Вејнрајт“ (CFB Wainwright), во провинцијата Алберта, при што има загинати и повредени лица, потврди канадскиот министер за одбрана Дејвид Мекгинти. Надлежните засега не го соопштуваат конечниот број на жртви, ниту прецизните околности под кои се случил инцидентот.
Настанот се случил во саботата, на 17 октомври, а пожарот брзо се проширил поради силниот ветер. Огнената стихија ја надминала границата на воениот комплекс и зафатила и делови од околната област, поради што на терен биле испратени противпожарни екипи и други служби за итни интервенции.
Канадскиот министер за одбрана изјави дека ситуацијата е сериозна и чувствителна, нагласувајќи дека приоритет е помошта за погодените припадници на војската, нивните семејства и локалното население. Во справувањето со последиците учествуваат воените структури, локалните и провинциските власти, како и федералните институции.
И канадскиот премиер Марк Карни потврди дека се случил сериозен инцидент проследен со голем пожар. Тој соопшти дека федералната влада е во координација со властите во Алберта и локалните служби.
Во истрагата се вклучени канадската војска и Кралската канадска коњичка полиција. Засега нема официјално потврдени информации за причината за пожарот, а властите најавија дека дополнителни детали ќе бидат објавени кога ќе бидат достапни.
Воената база „Вејнрајт“, која се наоѓа на околу 200 километри југоисточно од Едмонтон, е еден од значајните центри за обука на канадската армија. Таму се одржуваат воени вежби и обука за подготовка на единиците за различни оперативни задачи.
И покрај ширењето на пожарот надвор од базата, во првичните информации не беше издадена наредба за евакуација на околните населени места. Службите за итни случаи продолжуваат со интервенциите, додека истрагата треба да утврди што точно довело до трагичниот настан.

