HomeТРЕНДФОЛКСВАГЕН ПОВЛЕКУВА 72.700 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

ФОЛКСВАГЕН ПОВЛЕКУВА 72.700 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

Голем проблем со батериите предизвика ново повлекување автомобили на германскиот производител „Фолксваген“. Од пазарот се опфатени околу 72.700 електрични возила ширум светот, бидејќи неисправни батериски ќелии во одредени услови можат да предизвикаат прегревање, а во најлош случај и пожар. Во Германија се опфатени околу 10.000 автомобили.

Според податоците на германската Федерална служба за моторни возила (KBA), повлекувањето се однесува на моделите ID.3, ID.4, ID.7 и ID. Buzz, како и на Cupra Born. Кај моделите на „Фолксваген“ станува збор за одредени возила произведени во периодот од 2022 до 2025 година, додека кај Cupra Born се опфатени примероци произведени од 2022 до 2024 година.

Проблемот бил откриен при внатрешните контроли на квалитетот, кога производителот утврдил дека одредени ќелии во високонапонските батерии не ги исполнуваат пропишаните стандарди. Како причина се наведуваат производствени недостатоци кај добавувачот.

Од компанијата предупредуваат дека во ретки случаи дефектот може да доведе до зголемено загревање на батеријата и, во екстремни околности, до избувнување пожар. Според досега објавените информации на германските власти, нема пријавени повреди или материјална штета поврзани со овој проблем.

Сопствениците на засегнатите автомобили треба да преземат дополнителни мерки на претпазливост додека не биде извршена проверка во овластен сервис. Една од главните препораки е батеријата да не се полни над 80 проценти од капацитетот. Кај одредени возила ограничувањето може да биде поставено автоматски, а предвидено е и поставување предупредувачки налепници.

Производителот треба писмено да ги извести сопствениците за постапката и следните чекори. Во сервисите ќе се проверува состојбата на батериите, а во зависност од утврдениот проблем, можеби нема да биде неопходна замена на батериските модули. Во некои случаи, според претходни информации од компанијата, решението би можело да биде софтверско ажурирање.

Ова не е единственото големо повлекување поврзано со германскиот автомобилски концерн во последниот период. На крајот на септември беше објавено повлекување на повеќе од пет милиони автомобили поради проблем со завртка во управувачкиот систем, која е подложна на корозија. Дополнително, во март „Фолксваген“ и Cupra повлекоа повеќе од 90.000 возила ширум светот поради проблеми со батериите.

Новото повлекување повторно го отвора прашањето за контролата на квалитетот и безбедноста на електричните автомобили, особено кога станува збор за високонапонските батерии и ризиците што можат да произлезат од производствени дефекти.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО