HomeСПОРТШУМАХЕР ПРЕД 20 ГОДИНИ ЈА ОСТВАРИ ПОСЛЕДНАТА ПОБЕДА

ШУМАХЕР ПРЕД 20 ГОДИНИ ЈА ОСТВАРИ ПОСЛЕДНАТА ПОБЕДА

На денешен ден пред точно 20 години, Михаел Шумахер ја запиша последната победа во својата легендарна кариера во Формула 1. На дождливата трка за Големата награда на Кина во Шангај, на 1 октомври 2006 година, Германецот заврши пред Фернандо Алонсо и стигна до својата 91. победа во најбрзиот циркус.

Тогаш никој не можеше да претпостави дека токму тој триумф ќе биде последен за седумкратниот светски шампион. Со победата, Шумахер се израмни со Алонсо на врвот во генералниот пласман, но до крајот на сезоната Шпанецот ја освои титулата.

Две децении подоцна, неговиот брат Ралф се присети на периодот кога Михаел сè уште не беше глобална икона на Формула 1, туку млад возач кој ги правеше првите чекори кон врвот.

Ралф откри дека Михаел имал огромно влијание врз неговата кариера уште од најраните денови. Бидејќи бил повеќе од шест години постар, често му бил и учител на картинг-патеката, каде што го советувал како да претекнува и во кои моменти да преземе ризик.

Браќата растеле во близина на картинг-патеката во Керпен, каде што нивниот татко се грижел за комплексот, а мајка им работела во ресторанот. Токму таму Ралф во 1991 година го следел телевизискиот настап на Михаел на неговото деби во Формула 1 со Џордан на Големата награда на Белгија.

Ралф се присетува дека тој момент оставил силен впечаток. На патеката за картинг наеднаш престанало возењето, а сите се собрале околу телевизорот за да го следат почетокот на кариерата на Михаел.

Неколку години подоцна, и Ралф го оствари својот сон. Во 1997 година дебитираше во Формула 1, исто така како возач на Џордан, тимот со кој неговиот брат ја започна својата кариера шест години претходно.

Следуваше период во кој двајцата браќа речиси цела деценија беа дел од највисокото ниво на автомобилскиот спорт. Михаел и Ралф дури 16 пати заедно се најдоа на победничкиот подиум, а во пет наврати завршија на првите две позиции.

Иако на патеката биле директни конкуренти и двајцата сакале да победуваат, Ралф вели дека меѓу нив постоела јасна граница меѓу спортското ривалство и семејниот однос. По трките, без оглед на тоа кој бил подобар, повторно биле браќа и времето го поминувале заедно.

Во кариерата Михаел Шумахер освои седум светски титули и 91 победа, а неговиот рекорд по бројот на триумфи долго време беше еден од најголемите симболи на неговата ера.

По тешката несреќа на скијање во декември 2013 година, семејството Шумахер строго ја чува неговата приватност. За неговата здравствена состојба во јавноста нема целосни и официјални информации, а семејството со години избегнува објавување детали за неговиот живот.

Ралф, пак, по завршувањето на возачката кариера остана поврзан со Формула 1. Денес работи како телевизиски аналитичар и редовно ги коментира трките и случувањата во шампионатот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО