Никола Јокиќ уште еднаш покажа зошто важи за еден од најкреативните кошаркари во НБА-лигата. Српскиот центар одигра одличен натпревар во победата на Денвер нагетс над Лос Анџелес лејкерс со 121:106, но вниманието го привлече и со неверојатна асистенција што ги воодушеви љубителите на кошарката.
Денвер славеше на гостувањето во Лос Анџелес во последниот подготвителен натпревар пред почетокот на новата сезона, закажан за 20 октомври. Јокиќ беше меѓу најзаслужните за триумфот, постигнувајќи 17 поени со само еден промашен шут од поле. Српскиот ас придодаде и шест скока, осум асистенции и две украдени топки.
Нагетс ја презедоа контролата уште од почетокот на средбата и во поголемиот дел од натпреварот ја одржуваа предноста, која често беше и двоцифрена. Покрај Јокиќ, значаен придонес имаше Џамал Мареј со 21 поен и шест асистенции, додека Кристијан Браун го заврши дуелот со 16 поени и шест скока.
Кај Лејкерс, Остин Ривс беше најефикасен со 19 поени и пет скока, а Лука Дончиќ запиша 15 поени.
Сепак, потегот на вечерта му припадна на Јокиќ. Во брза контра, додека се движеше кон противничкиот кош, тој од средината на теренот испрати извонредно додавање зад грб кон Тревон Бразил. Со прецизен пас го пронајде соиграчот во вистински момент, а Бразил ја заврши акцијата со лесни поени под кошот.
Снимката од оваа асистенција привлече внимание и на официјалните канали на НБА-лигата, која го истакна мајсторството на српскиот кошаркар и неговото неверојатно чувство за игра.
Јокиќ повторно покажа дека неговата вредност не се мери само преку постигнатите поени. Со прегледот на играта, креативноста и способноста да ги разигрува соиграчите, тој останува една од најголемите закани за противничките одбрани пред почетокот на новата сезона.

