Андрес Мануел Лопез Белтран тврди дека нема добиено докази за какво било незаконско дејствување, додека претседателката Клаудија Шејнбаум ја доведе одлуката во контекст на мексиканскиот суверенитет.
Нови тензии се отвораат меѓу Вашингтон и Мексико откако Андрес Мануел Лопез Белтран, син на поранешниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, објави дека американските власти му ја укинале визата.
Лопез Белтран, познат како „Енди“, во писмо упатено до американскиот претседател Доналд Трамп навел дека одлуката била донесена по наредба на високи претставници на американската администрација. Тој ги посочил државниот секретар Марко Рубио и заменикот државен секретар Кристофер Ландау.
Според неговите тврдења, американската страна не му доставила докази дека бил вмешан во криминал или во каква било друга незаконска активност. Поради тоа, тој оценува дека укинувањето на визата има политичка заднина.
Американскиот притисок врз мексикански функционери
Случајот доаѓа во момент кога САД ги засилуваат мерките кон мексикански политичари и функционери кои американските власти ги сомничат за врски со организираниот криминал.
Претходно беше објавено дека администрацијата на Трамп презела мерки против десетици мексикански политичари и државни службеници, вклучително и лица од различни политички опции.
Вашингтон ваквите мерки ги поврзува со борбата против наркокартелите, трговијата со дрога, корупцијата и нелегалната миграција.
Шејнбаум застана во одбрана на суверенитетот
На случајот реагираше и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум. Таа изјави дека нема сознанија за истрага против Лопез Белтран од страна на мексиканските обвинителски органи.
Шејнбаум оцени дека американските одлуки за укинување визи на политички експонирани мексикански граѓани може да претставуваат мешање во внатрешните работи на Мексико.
„Тоа претставува мешање во мексиканската политика. Не гледам друга причина за тоа“, изјави мексиканската претседателка.
Лопез Белтран неодамна се повлече од раководна позиција во владејачката партија Морена, политичко движење основано од неговиот татко.
Случајот дополнително ги зголемува политичките тензии меѓу двете соседни земји, особено околу американската стратегија за борба против наркокартелите и организираниот криминал во Мексико.

