Австралиските пациенти со одредени видови рак, ретки заболувања и генетски нарушувања од 1 август добиваат пристап до нови и поевтини терапии преку Pharmaceutical Benefits Scheme (PBS), со што значително се намалува финансискиот товар за пациентите и нивните семејства.
Меѓу најзначајните новини е лекот ворасидениб (Voranigo), кој за првпат е ставен на листата на PBS како терапија за возрасни и адолесценти над 12 години со одредени генетски мутации поврзани со ретки видови рак на мозокот – IDH-мутиран астроцитом и олигодендроглиом.
Станува збор за ретки и неизлечиви тумори кои можат да влијаат врз размислувањето, однесувањето и секојдневното функционирање. Вораниго делува директно на генетската мутација која го поттикнува растот на туморот, со цел да го забави напредувањето на болеста.
Во Австралија годишно се регистрираат околу 135 нови случаи на овие два вида тумори. Без државна субвенција, 30-дневната терапија би можела да чини околу 28.000 австралиски долари по рецепт.
На листата е проширен и пристапот до селперкатиниб (Retevmo), таргетирана терапија за пациенти со локално напреднат или метастатски медуларен карцином на тироидната жлезда. Дополнително, преку новите правила на Medicare, пациентите ќе можат да направат генетско тестирање за RET-мутација, што е важно за утврдување дали терапијата е соодветна.
Се очекува од оваа промена годишно да имаат корист повеќе од 130 пациенти, додека без субвенција лекот би можел да чини до 8.200 долари по рецепт.
Нов третман е достапен и за пациенти со фоликуларен лимфом. Лекот тафаситамаб (Minjuvi) е ставен на PBS за првпат и претставува нова терапевтска опција за пациенти кај кои болеста се вратила или не реагира на претходниот третман. Се проценува дека до 600 Австралијци годишно се соочуваат со ваква форма на болеста и потреба од дополнителна терапија.
Промените опфаќаат и деца со Кронова болест, за кои се проширува пристапот до адалимумаб (Humira) и инфликсимаб (Remicade). Овие лекови го намалуваат воспалението и помагаат во контролирањето на симптомите на болеста. Се очекува повеќе од 400 австралиски деца да добијат порано пристап до терапијата.
Со PBS-субвенцијата, пациентите што ги исполнуваат условите ќе плаќаат најмногу 25 австралиски долари по рецепт, додека лицата со концесиска картичка ќе плаќаат само 7,70 долари.
Австралискиот министер за здравство Марк Батлер оцени дека новите листирања ќе овозможат лекувањето на сериозни заболувања да биде подостапно и за пациентите со ретки форми на рак.
Особено значајно, според него, е воведувањето на Вораниго, кој претставува првата нова терапевтска опција по две децении за одредени пациенти со редок рак на мозокот.
Од јули 2022 година, австралиската влада одобри дополнително финансирање за 474 нови или изменети ставки на PBS, со цел да се прошири пристапот до современи терапии и да се намалат трошоците за лекување.

