Притисокот врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, продолжува да расте. Холандскиот фудбалски сојуз (KNVB) јавно порача дека ја изгубил довербата во неговото раководење и смета дека од 2027 година светската фудбалска организација треба да добие нов претседател.
Но, Холанѓаните не бараат само промена на првиот човек. Тие предлагаат целосна реформа на начинот на кој функционира ФИФА, со поголема транспарентност, посилна контрола и ограничување на концентрацијата на моќ кај претседателот.
KNVB предлага организирање меѓународен самит во Амстердам, на кој би учествувале национални федерации и континентални конфедерации од целиот свет. Целта би била да се разговара за иднината и реформите во ФИФА.
Холандскиот сојуз бара и поголем дел од средствата наменети за распределба да се враќаат во развојот на фудбалот, а меѓу приоритетите ги наведува човековите права, одржливоста и подобрата соработка меѓу ФИФА, конфедерациите и националните федерации.
Критиките кон Инфантино не доаѓаат само од Холандија. Во последниот период неговото раководење го критикуваа и повеќе фудбалски структури, додека Норвешка беше меѓу првите национални федерации кои директно побараа негово заминување.
Дополнителен конфликт се отвори околу плановите на ФИФА за вклучување приватни инвеститори во дел од највредните комерцијални активности на организацијата. Проектот беше повлечен по силниот отпор, но спорот продолжи.
Во меѓувреме, поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, исто така упати остри критики кон Инфантино и порача дека тој треба да ја напушти функцијата.
И покрај зголемениот притисок, Инфантино засега останува на ставот дека сака повторно да се кандидира за претседател на ФИФА на изборите во 2027 година.

