Реал Мадрид го претрпе првиот пораз во сезоната, откако на гостувањето кај Бетис загуби со 1:0. Мадридскиот тим имаше повеќе шанси за гол, но на крајот остана без реализација и покрај три погодени рамки од голот и промашениот пенал во судиското продолжение.
Главниот виновник за неуспехот на Реал беше голманот на Бетис, Алваро Ваљес, кој одигра фантастичен натпревар и со низа одлични интервенции ги спречи гостите да стигнат до погодок. Круна на неговиот настап беше одбранетиот пенал на Килијан Мбапе во 94. минута.
Мбапе беше еден од најактивните играчи на Реал, но Французинот не успеа да ја затресе мрежата. Во првото полувреме имаше голема двојна шанса, но Ваљес и одбраната на Бетис во последен момент го спречија.
Одличниот голман имаше успешни интервенции и по ударите со глава на Џуд Белингем и новото засилување Еспи. Според оценката на Sofascore, Ваљес доби максимална оценка 10.
Белингем не делуваше на своето препознатливо ниво и во текот на натпреварот се забележуваше замор, што може да се поврзе и со високите температури во Севилја. И покрај тоа, англискиот репрезентативец беше блиску до гол, но неговиот удар заврши во рамката од голот.
Ниту Винисиус Жуниор немаше свој ден. Бразилецот водеше голема битка по левата страна со Ектор Белерин, кој во најголем дел од дуелите успеваше да го запре. Сепак, Винисиус со својата упорност успеа да изнуди пенал, но Реал не го искористи.
За мадридскиот клуб ова беше првиот натпревар сезонава, вклучувајќи ги и шесте подготвителни натпревари, на кој не постигна гол.
Иако Реал имаше доволно можности и не одигра лош натпревар, слабата реализација на крајот се покажа како пресудна. Поразот доаѓа непосредно пред почетокот на европските натпревари, што претставува прв посериозен аларм за тимот на почетокот од сезоната.

