Тешкиот товарен транспорт би можел да добие нова алтернатива на дизелот, откако Toyota и Scania најавија заедничко тестирање на камиони со водородни горивни ќелии.
Во рамки на проектот ќе бидат вклучени 40 камиони Scania опремени со најновата генерација на системот за горивни ќелии на Toyota. Возилата ќе се тестираат во реални услови на работа, со цел да се утврди како технологијата функционира при секојдневен тежок транспорт.
Во текот на тестирањето ќе се собираат податоци за техничките перформанси, потрошувачката, ефикасноста и вкупните трошоци за користење на возилата. Првите камиони се очекува да бидат пуштени во работа во првиот квартал од 2027 година.
Системот за горивни ќелии од третата генерација на Toyota има моќност од 300 киловати и е развиен за примена во возила што работат под тешки услови.
Од компаниите велат дека водородот може да има значајна улога во иднината на товарниот транспорт, особено кај возилата кај кои се потребни долг дострел, кратки прекини за полнење и висока искористеност.
Дополнителни детали за проектот Toyota и Scania најавија да бидат претставени на саемот IAA Transportation, каде што двете компании ќе зборуваат за резултатите и следните чекори во развојот на технологијата.

