Мексиканската ММА-боркиња Лусеро Акоста (32), позната под прекарот „Ла Лоба“, се најде во центарот на вниманието по незгодата што ѝ се случи за време на борбата против Канаѓанката Шенон Кларк на настан на Professional Fighters League (PFL) во Чикаго, одржан на 16 октомври. Снимката од моментот брзо се прошири на социјалните мрежи, а Акоста потоа откри дека зголемениот интерес за нејзиниот профил на OnlyFans ѝ донел дополнителни приходи.
Инцидентот се случил во третата рунда, кога Кларк ја соборила противничката и продолжила со удари додека таа била на подот. Во текот на размената, на Акоста ѝ се поместил горниот дел од спортската опрема, поради што накратко била откриена пред телевизиските камери. Борбата продолжила, но судијата ја прекинал по една минута и 59 секунди од последната рунда, прогласувајќи победа со технички нокаут за канадската борачка.
По натпреварот, Акоста се огласи на Инстаграм и се пошегува дека снимката од преносот придонела за поголем интерес за нејзината содржина на платформата OnlyFans, каде што објавува материјали достапни за претплатниците.
Во дополнителна објава таа спомнала и бројка од 500.000, за која дел од американските медиуми претпоставуваат дека се однесува на долари. Сепак, мексиканската борачка не прецизирала што точно претставува сумата, ниту објавила докази со кои би се потврдила таквата заработка.
Акоста претходно настапувала во организацијата Combate Global, а дебито во PFL го имала токму во Чикаго. Пред поразот од Кларк имала серија од четири победи, остварени во периодот од септември 2022 до април 2025 година.
По овој меч, нејзиниот професионален биланс изнесува шест победи и три порази, додека Кларк со триумфот стигнала до девет победи и еден пораз. Освен во октагонот, Акоста привлекува внимание и на социјалните мрежи, каде што на Инстаграм ја следат повеќе од половина милион луѓе.
Иако спортскиот резултат не беше во нејзина корист, Акоста тврди дека инцидентот предизвикал зголемен интерес за нејзината онлајн-содржина. Наводите за конкретната заработка, сепак, остануваат непотврдени.

