HomeСПОРТНА 90 ГОДИНИ СЕ НАТПРЕВАРУВА ВО БОДИБИЛДИНГ

НА 90 ГОДИНИ СЕ НАТПРЕВАРУВА ВО БОДИБИЛДИНГ

Јапонецот Тошисуке Каназава на 90-годишна возраст покажа дека годините не мора да бидат пречка за исполнување на спортските амбиции. Тој настапи на Светското првенство во бодибилдинг и фитнес, одржано во шпанскиот град Санта Сузана, каде што во категоријата за натпреварувачи над 50 години го освои шестото место.

Каназава учествуваше како поканет натпреварувач, соочувајќи се со бодибилдери кои се неколку децении помлади од него. Неговиот настап предизвика воодушевување кај публиката, која го поздрави со громогласен аплауз.

Тој важи за најстариот активен бодибилдер во Јапонија, но и покрај своите години не размислува за повлекување од спортот.

„Сакам да правам работи што никој претходно не ги направил и планирам да се занимавам со бодибилдинг до крајот на животот“, изјавил Каназава за „Асошиејтед прес“.

Каназава е роден на 29 август 1936 година во префектурата Јамагучи. Во младоста се занимавал со пливање, а интересот за бодибилдингот го открил додека студирал во Хирошима.

Првпат стана шампион на Јапонија во 1960 година, а истиот успех го повтори и три години подоцна. Во 1965 година се повлекол од натпреварувањата и отворил сопствена теретана.

Сепак, љубовта кон бодибилдингот повторно го вратила на сцената кога имал 50 години. Како што раскажува, во еден момент се погледнал во огледало, забележал колку му се променило телото и решил повторно да започне со тренинзи, со цел да ја врати физичката форма.

Оттогаш повторно редовно тренира и учествува на натпреварувања. Во август годинава го освои и својот 17. национален шампионски трофеј во мастерс-конкуренција.

Тајната на својата виталност и долгогодишна активност ја поврзува со традиционалната јапонска исхрана, која ја практикува од својата 50-та година. Неговото секојдневно мени најчесто вклучува интегрален ориз, нато – ферментирана соја, како и мисо-супа.

„Затоа никогаш не сум бил болен, а имам 90 години“, вели тој.

Ниту деветтата деценија од животот не го поколебала во намерата да продолжи со натпреварувањата. Каназава веќе размислува за нов настап на 93-годишна возраст, по што, како што најавува, можеби конечно ќе се повлече.

Негова голема желба е со сопствениот пример да им покаже на постарите луѓе дека физичката активност и спортот можат да останат дел од секојдневието и во поодминати години.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО