Германскиот индустриски гигант Bosch навистина спроведува голема реорганизација на своето работење во Европа, но информациите дека компанијата целосно ги затвора фабриките не се точни.
Како дел од преструктурирањето, „Бош“ донесе одлука до крајот на 2026 година да го запре производството во две фабрики на одделот за електрични алати во Германија – во Себниц и Лајнфелден-Ехтердинген. Дел од производството ќе биде префрлено во други фабрики на компанијата во Централна и Источна Европа, а повеќе од 500 работни места ќе бидат погодени од оваа одлука.
Паралелно со тоа, компанијата најави и намалување на бројот на вработени во автомобилскиот сектор поради намалената побарувачка, зголемените производствени трошоци и силната конкуренција од кинеските производители. Според претходните најави, во следните години ќе бидат укинати илјадници работни места, најголем дел во Германија.
И покрај овие мерки, Bosch нагласува дека не се повлекува од Европа. Напротив, компанијата го пренасочува производството кон поефикасни локации и продолжува да инвестира во нови технологии, автоматизација и електрична мобилност.
Економските аналитичари оценуваат дека потезите на „Бош“ се дел од пошироката криза што ја погоди европската автомобилска индустрија. Слични мерки веќе најавија и други големи производители, кои се соочуваат со намалена побарувачка, скапо производство и сè поголема конкуренција на глобалниот пазар.

