HomeСПОРТВАРДАРКИ СО СИЛЕН СТАРТ ВО ПРВЕНСТВОТО

ВАРДАРКИ СО СИЛЕН СТАРТ ВО ПРВЕНСТВОТО

Кошаркарките на Вардар со победа над актуелниот шампион Крива Паланка го отворија настапот во новата сезона на Шпаркасе Лајф Првата лига за жени. Во дербито од првото коло, вардарки славеа со 82:70, откако уште во првото полувреме изградија убедлива предност и потоа успешно ја задржаа контролата врз натпреварот.

Домашниот состав уште од почетокот покажа дека е подготвен за голем предизвик. Со ефикасна игра во нападот и добра одбрана, Вардар ја доби првата четвртина со 29:13, поставувајќи ја основата за триумфот против бранителот на титулата.

Во продолжението вардарки не му дозволија на противникот да фати резултатски приклучок. Напротив, предноста дополнително се зголеми, па на паузата меѓу двете полувремиња домашниот тим имаше убедливо водство од 47:25.

И во третата четвртина Вардар ја задржа иницијативата. Со сигурна игра на двете страни од теренот, домаќинките во еден момент стигнаа до предност од 25 поени, а пред последните десет минути резултатот беше 67:42.

Крива Паланка се обиде да ја намали разликата во завршницата и успеа делумно да ја ублажи негативата. Сепак, претходно создадената предност беше доволна за Вардар да го приведе натпреварот кон крајот без поголеми проблеми и да ја запише првата победа во Шпаркасе Лајф Првата лига за жени.

Во победничкиот состав најдобра реализација имаше капитенот Тасевска, која постигна 17 поени, а додаде и шест скока и пет асистенции. Пислевска и новото засилување Донмез завршија со по 16 поени, Николи постигна 13 поени и шест скока, додека Трајковска забележа дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока. Пет кошаркарки на Вардар натпреварот го завршија со двоцифрен број поени.

Кај актуелниот шампион, капитенот Алексовска беше најефикасна со 25 поени и пет скока. Гордон оствари дабл-дабл со 22 поени и 11 скока, а Ли придонесе со 15 поени и осум скока.

Со оваа победа Вардар испрати позитивен сигнал уште на почетокот на сезоната и покажа дека ќе биде сериозен конкурент во Шпаркасе Лајф Првата лига за жени. Преостанатите три натпревари од воведното коло се закажани за недела, 18 октомври.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО