HomeГЛОБУСДВАЈЦА БРИТАНЦИ ОБВИНЕТИ ЗА СОРАБОТКА СО ИРАНСКАТА РАЗУЗНАВАЧКА СЛУЖБА

ДВАЈЦА БРИТАНЦИ ОБВИНЕТИ ЗА СОРАБОТКА СО ИРАНСКАТА РАЗУЗНАВАЧКА СЛУЖБА

Двајца британски државјани се соочуваат со обвиненија за наводна помош на иранската разузнавачка служба, по истрага за инцидент во близина на воената воздухопловна база РАФ Ферфорд, во англиската област Глостершир.

Мохмед Абдулкарим (24) од Лондон треба да се појави пред судот во Вестминстер, под обвинение за помагање на странска разузнавачка служба, дело предвидено со британскиот Закон за национална безбедност од 2023 година.

Вториот обвинет, 24-годишниот Нуман Есгир, исто така од Лондон, се товари за влегување во забранета зона со намера да ѝ нанесе штета на Велика Британија. Тој првпат бил уапсен на 27 септември во близина на воената база, а повторно бил приведен на 20 октомври.

Британската антитерористичка полиција се сомнева дека во случајот е вмешана иранската разузнавачка служба. Лоренс Тејлор, висок функционер на британската антитерористичка полиција, изјави дека во последните месеци биле регистрирани повеќе сомнителни инциденти за кои постојат сомневања дека се поврзани со Иран.

Тој посочи дека британските безбедносни служби соработуваат во откривањето и спречувањето на потенцијалните закани, повикувајќи ги граѓаните да ги пријавуваат сите сомнителни активности што би можеле да бидат важни за истрагите.

Во рамките на истата истрага, на 20 октомври бил уапсен и 25-годишен маж со британско и иранско државјанство, осомничен за помагање на иранската разузнавачка служба. Тој е ослободен без обвинение за тоа дело, но останува обврзан редовно да се пријавува во полиција. Претходно, на 1 октомври, бил приведен и поради сомневање за подготовка на терористички напади.

Уште петмина мажи приведени во текот на истрагата биле ослободени со обврска да се јавуваат во полиција.

Френк Фергусон, раководител на одделот за специјални кривични дела и борба против тероризмот при британското обвинителство, потврди дека против двајцата мажи се покренати обвиненија согласно Законот за национална безбедност.

Тој нагласи дека обвинителството ќе продолжи да соработува со надлежните служби додека трае истрагата за случајот поврзан со воената база РАФ Ферфорд.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО