Лионел Меси доби уште едно значајно признание за својата кариера, откако му беше доделена наградата „Принцезата од Астурија“ за 2026 година во категоријата спорт. Легендата на Барселона се врати во Шпанија за свечената церемонија во Овиедо, каде што неговите успеси, талентот и хуманитарната работа беа посебно истакнати.
Одлуката за наградата, организаторите ја образложија со неговите бројни освоени трофеи, извонредните резултати на фудбалските терени и долгогодишниот ангажман за подобрување на пристапот до образование и здравствена заштита за децата од најранливите категории. Посебно беше нагласено и почитувањето што Меси го ужива поради својата скромност, истрајност и посветеност на фудбалот.
Признанието на аргентинскиот фудбалер лично му го врачи шпанската принцеза Леонор. Неговото појавување на сцената беше проследено со силни аплаузи, а присутните станаа на нозе за да му оддадат почит.
Во своето обраќање, принцезата Леонор истакна дека спортот има ретка моќ да ги обединува луѓето и да предизвикува заеднички емоции, без оглед на нивното потекло. Токму затоа, според неа, кариерата на Меси претставува посебен пример за тоа како исклучителниот талент може да стане дел од секојдневието.
Таа потсети и на зборовите на поранешен фудбалер на Спортинг, кој го опишал Меси како играч што ги претвора неверојатните потези во нешто вообичаено, донесува правилни одлуки за дел од секундата и секогаш го става тимот пред личните амбиции.
За Меси, ова признание има и длабоко лично значење. Во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ, тој откри дека неговиот неодамна починат татко Хорхе бил особено среќен поради наградата и силно сакал неговиот син да присуствува на церемонијата, и покрај густиот распоред со натпревари.
„Татко ми беше многу возбуден поради оваа награда. Знаевме дека ќе биде тешко да дојдам поради натпреварите, но тој навистина инсистираше да бидам тука и да го примам признанието. Ова е нешто што ги надминува резултатите на теренот и сè што сум постигнал во кариерата. Тој беше многу среќен, па убеден сум дека и сега ужива во ова“, изјави осумкратниот добитник на „Златната топка“.
По завршувањето на свеченоста, капитенот на Интер Мајами веднаш се упатил кон аеродромот, бидејќи веќе во сабота го очекува натпревар од МЛС-лигата против Њујорк Ред Булс.
Од Барселона, клубот со кој Меси ги испиша најзначајните страници од својата кариера, му упатија честитка преку социјалните мрежи. Каталонскиот гигант го истакна неговиот придонес не само на теренот, туку и надвор од него, нагласувајќи дека неговата посветеност, фудбалска мајсторија и солидарност го направиле пример за светскиот спорт.
Од клубот порачаа дека врската меѓу Меси и Барселона е нераскинлив дел од историјата на тимот и дека неговото наследство засекогаш ќе остане причина за гордост кај навивачите.

