Јаник Синер повторно мораше да го одложи враќањето на тениските терени. Најдобриот тенисер во светот го откажа настапот на Мастерсот во Шангај поради проблеми со десното колено, со што практично ќе го прескокне целиот азиски дел од сезоната.
Турнирот во Шангај ќе се одржи од 7 до 18 октомври, но на него нема да го има италијанскиот тенисер. Синер претходно го откажа и учеството на турнирот во Пекинг, каде што требаше да ја брани титулата.
Последниот официјален меч Синер го одигра на 12 јули, кога во финалето на Вимблдон го совлада Александар Зверев и го освои својот петти Гренд слем трофеј. Оттогаш проблемите со коленото го спречија да настапи на неколку големи турнири.
Тој ги пропушти Монтреал, Синсинати и УС Опен, а сега отпадна и можноста за настап во Шангај. Самиот Синер преку социјалните мрежи потврди дека не е подготвен за турнирот и изрази жалење што повторно ќе мора да отсуствува.
Засега нема информација кога би можел да се врати на теренот. Италијанските медиуми известуваа дека Синер поради проблемите со коленото побарал дополнителен медицински преглед кај специјалист во Лион, а во јавноста се појавија и шпекулации за можна операција. Сепак, ниту Синер ниту неговиот тим досега не потврдиле дека е планирана хируршка интервенција.
Долгата пауза доаѓа по фантастичниот период во кој Синер имаше 44 победи и само три порази. Во тој период освои пет Мастерс турнири – во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Мадрид и Рим, а потоа стигна и до трофејот на Вимблдон.
Отсуството од турнирите може да има последици и врз неговата позиција на АТП-листата. Александар Зверев моментално заостанува 1.370 бодови зад Италијанецот, а Синер во Шангај нема да може да ги брани бодовите од минатогодишната титула.
Зверев така добива можност со добри резултати во Пекинг и Шангај да ја намали разликата во битката за првото место.
Како следен поголем турнир на кој Синер е пријавен се наведува Виена на крајот од октомври. Сепак, по новото откажување во Шангај, засега останува неизвесно дали светскиот број еден ќе биде подготвен да се врати на теренот дотогаш.

