Пјер-Емерик Обамејанг повторно привлече внимание, но овојпат не поради головите, туку поради гестот кој ги воодушеви навивачите на неговиот нов клуб Депортиво Ла Коруња.
Снимка на која искусниот напаѓач игра фудбал со деца на локално игралиште во Шпанија за кратко време стана хит на социјалните мрежи. Обамејанг, кој во кариерата настапуваше за Борусија Дортмунд, Арсенал, Барселона и други големи клубови, без двоумење им се приклучил на децата во спортскиот центар Ла Солана.
Според очевидци, фудбалерот пристигнал во придружба на пријател, а кога децата го повикале да им се приклучи, веднаш прифатил. На снимката се гледа опуштениот Обамејанг како ужива во играта, а особено внимание привлече моментот кога му асистира на едно од децата за гол.
Видеото за само неколку часа се прошири на интернет, а навивачите на Депортиво позитивно реагираа на неговиот потег. Многумина сметаат дека ваквото однесување покажува дека искусниот Габонец брзо се поврзува со новата средина и градот.
Обамејанг во Депортиво пристигна со огромно искуство зад себе. Во текот на кариерата постигна повеќе од 400 голови, а се смета и за најдобар стрелец во историјата на Лигата Европа со 34 погодоци.
Габонскиот напаѓач е и еден од најефикасните африкански фудбалери во историјата на петте најсилни европски лиги, со повеќе од 240 голови, а го држи и рекордот за најдобар африкански стрелец во историјата на Бундеслигата.
Обамејанг веќе се претстави пред новите навивачи на најдобар можен начин – во своето деби за Депортиво постигна гол во ремито 1:1 против Елче.
Сега, со еден едноставен потег на локалното игралиште, тој дополнително ја освои наклонетоста на навивачите и покажа дека големите фудбалски ѕвезди понекогаш најмногу се паметат по малите гестови.

