Новиот министер за здравство Сашо Клековски оцени дека во изминатите две години се направени значајни чекори во здравствениот систем, со зголемување на буџетот за околу девет милијарди денари и воведување мерки за подобрување на услугите за пациентите.
Тој посочи дека се зголемени платите на здравствените работници, особено кај средномедицинскиот кадар, а бројот на вработени во јавните здравствени установи е зголемен по период на пад.
Меѓу реализираните активности ги издвои подобрувањето на примарната здравствена заштита, проширувањето на позитивната листа на лекови и зголемените средства за скапи терапии за пациенти со сериозни заболувања.
Клековски нагласи дека се работи и на олеснување на пристапот до лекување во странство, како и на поголема транспарентност и ефикасност во работата на Фондот за здравствено осигурување.
Како следни приоритети ги посочи воведувањето на е-рецептот, подобрување на здравственото осигурување за децата, регионализацијата на здравствените услуги и продолжување на реформите во јавниот здравствен систем.

