Златко Трипиќ (33), роден во Риека, вечерва се очекува да го предводи норвешки Викинг во дуелот против Динамо во плеј-офот за Лигата на шампионите. Со бројот 10 на грбот, Трипиќ денес е капитен и еден од најважните фудбалери на клубот од Ставангер.
Неговата животна приказна е далеку од вообичаена. Неговото семејство прво ја напуштило Босна, а во 1993 година, за време на војната во поранешна Југославија, се преселило во Норвешка. Трипиќ тогаш бил само бебе.
Во Норвешка растел во тешки услови, а како дете бил исмејуван поради презимето. Денес, истото тоа презиме навивачите на Викинг го скандираат од трибините.
Фудбалскиот пат го започнал во помали норвешки клубови, а подоцна стигнал до Молде, каде што работел со Оле Гунар Солскјер и освоил две шампионски титули и национален куп. Играл и во Германија и Молдавија, но најголемата трага ја оставил во Викинг.
Со клубот го освои Норвешкиот куп во 2019 година, а во 2024 беше прогласен за најдобар фудбалер во норвешката Елитесериен. Минатата сезона како капитен го предводеше Викинг до шампионската титула, прва за клубот по 34 години.
Трипиќ е оженет со норвешката инфлуенсерка Анет Ховланд и има семејство. Иако речиси целиот живот го поминал во Норвешка, неговото потекло и денес е важен дел од неговиот идентитет.
Сега пред него е посебен натпревар – враќање во Хрватска и дуел против Динамо, во кој капитенот на Викинг ќе се обиде да го предводи својот тим кон голем европски резултат.

