Германскиот телевизиски водител Флоријан Кениг, кој со децении го познава Михаел Шумахер и неговото семејство, проговори за односот со легендарниот возач на Формула 1 и причините поради кои никогаш не се распрашува за неговата здравствена состојба.
Во разговор за подкастот „Phrasenmäher“ на германски „Билд“, Кениг објасни дека приватноста на семејството Шумахер отсекогаш ја сметал за нешто што мора да се почитува. Откако седумкратниот светски шампион доживеа тешка несреќа на скијање во декември 2013 година, семејството речиси целосно ги ограничи информациите за неговиот живот и здравје.
Кениг откри дека никогаш не поставува прашања за Шумахер, дури ни кога разговара со луѓе од неговото најблиско опкружување.
„Семејството Шумахер уште многу рано јасно стави до знаење дека не сака дополнителни информации да излегуваат во јавноста. Секогаш ја почитував таа желба, особено желбата на Корина, и тоа го правам и денес“, изјави водителот.
Тој нагласи дека не прашува ниту за здравјето на Михаел кај неговиот син Мик, ниту кај брат му Ралф.
„Дури и ако дознаам нешто, го задржувам за себе. Односот со семејството Шумахер и со Михаел ми е премногу важен“, објасни Кениг.
Германскиот новинар вели дека целосно разбира зошто милиони љубители на Формула 1 сакаат да дознаат како е легендарниот возач. Според него, Шумахер со децении бил дел од секојдневието на спортските навивачи, кои речиси секој втор викенд ги следеле неговите трки и победите со Ферари.
Сепак, Кениг смета дека љубопитноста на јавноста не може да биде поважна од одлуката на семејството да ја зачува приватноста.
Во интервјуто се потсети и на посебен момент од кариерата на Шумахер, кога присуствувал на тестирање во португалскиот Есторил, во периодот кога Германецот преминувал од Бенетон во Ферари.
Тогаш Шумахер сè уште не смеел да го облече црвениот комбинезон на Ферари поради договорните обврски кон Бенетон. По неколкудневните тестирања, конечно добил дозвола да го облече новиот тимски комбинезон, а Кениг со мала телевизиска екипа успеал да го сними тој момент.
Михаел Шумахер доживеа тешка несреќа на 29 декември 2013 година, додека скијал во францускиот зимски центар Мерибел. При падот се здоби со сериозни повреди на главата, поради кои беше ставен во медицински индуцирана кома.
Оттогаш не се појавува во јавноста, а семејството предводено од сопругата Корина строго ја чува неговата приватност. Нема официјално објавени детални информации за неговата сегашна здравствена состојба.
Шумахер останува една од најголемите легенди во историјата на Формула 1. Во кариерата освои седум светски шампионски титули, од кои две со Бенетон и пет последователни со Ферари. Забележа 91 победа во трките, а последниот настап во Формула 1 го имаше во 2012 година како возач на Мерцедес.

