HomeСПОРТСЛОВЕНЕЧКО РАКОМЕТНО ЧУДО ОД 18 ГОДИНИ ЈА ОСВОЈУВА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

СЛОВЕНЕЧКО РАКОМЕТНО ЧУДО ОД 18 ГОДИНИ ЈА ОСВОЈУВА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Европската ракометна сцена добива нова млада ѕвезда. Осумнаесетгодишниот Алјуш Анжич од словенечки Целје веќе се наметнува како еден од највпечатливите стрелци во Лигата на шампионите, каде што во својата дебитантска сезона бележи бројки карактеристични за искусни ракометари.

Младиот лев бек постигна 32 гола на првите четири натпревари во елитното европско натпреварување, со просек од осум погодоци по средба. Пред него на листата на стрелци е само данскиот ракометар Матијас Гидсел, кој досега има 36 гола.

Анжич повторно беше најдобар стрелец на Целје и во дуелот со францускиот гигант Пари Сен Жермен, во кој словенечкиот тим загуби со 30:41. Тој постигна девет погодоци, исто колку и на претходниот натпревар во Париз, завршен со пораз на Целје од 35:46.

Иако неговиот тим по четири кола сè уште нема освоено бодови, индивидуалните настапи на младиот Словенец привлекуваат сè поголемо внимание. Неговата ефикасност покажува дека и на почетокот на сениерската кариера може да се наметне против одбраните на најсилните европски клубови.

Анжич уште на дебито во Лигата на шампионите најави дека може да биде сериозен проблем за противничките голмани. На гостувањето кај Загреб постигна 11 гола, и покрај поразот на Целје од 29:31. За својот настап беше прогласен за најдобар играч во првото коло.

На следниот дуел, против дански Алборг, постигна три погодоци, а потоа следуваа двата натпревари со ПСЖ, на кои вкупно 18 пати ја затресе противничката мрежа.

Неговите резултати не се случајност. Уште минатата година, кога имаше само 17 години, Анжич остави силен впечаток на Светското првенство за ракометари до 21 година. Иако беше меѓу најмладите учесници, турнирот го заврши со 61 гол и го освои третото место на листата на стрелци.

Само два месеца подоцна настапи и на Светското првенство за играчи до 19 години, каде што беше најдобар стрелец со 67 погодоци на седум натпревари. Посебно се издвои на средбата против Норвешка, на која постигна неверојатни 23 гола. Неговите настапи му донесоа место во идеалниот тим на првенството.

Одличната форма ја продолжи и во јули 2026 година, на Европското првенство за ракометари до 20 години во Романија. Анжич ја предводеше Словенија до бронзениот медал, а во осум натпревари постигна 65 гола, со просек од 8,1 погодок по натпревар. Првенството го заврши како четврти стрелец, а беше избран и за најдобар лев бек во идеалната седморка.

На тој турнир постигна 15 гола против Полска, 11 против Унгарија и десет против Шпанија. Во натпреварот за бронзениот медал, со девет погодоци придонесе за победата на Словенија над Данска од 30:28.

Поради раниот пробив во сениорскиот ракомет и извонредните бројки на меѓународната сцена, Анжич го доби прекарот „ракометниот Ламин Јамал“. Споредбата со младата фудбалска ѕвезда на Барселона се однесува на нивната возраст и на брзината со која се пробија меѓу најдобрите во своите спортови.

Словенечкиот ракометар имаше успешна сезона и во ЕХФ Европскиот куп, каде што со 62 гола беше најдобар стрелец во натпреварувањето.

Роден е на 12 февруари 2008 година во Целје, висок е 188 сантиметри и настапува на бековските позиции. Спортскиот талент го наследил и од семејството: неговиот татко Алеш е поранешен ракометар и тренер на голмани, додека мајка му Аленка Поточник Анжич е поранешна словенечка кошаркарска репрезентативка.

Во родниот град ја доби можноста да се развива во сениорскиот ракомет, а веќе на 18 години е меѓу главните адути на Целје. Неговата кариера допрва се развива, но настапите во Лигата на шампионите покажуваат дека името на младиот Словенец сè почесто ќе се споменува во европскиот ракомет.

По успесите во младинските категории, Анжич сега го прави следниот чекор – докажување против најсилните клубови на континентот. А со 32 гола на првите четири натпревари, неговиот почеток во Лигата на шампионите веќе е доволно впечатлив за да го стави под лупа на ракометната јавност.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО