Миле Свилар е меѓу најдобрите голмани во италијанскиот фудбал, но и покрај одличните настапи, неговата репрезентативна иднина останува неизвесна. Голманот на Рома минатата сезона ја доби наградата за најдобар чувар на мрежата во Серија А, но во моментов не настапува за ниту една национална селекција.
Свилар е роден во Белгија, на 27 август 1999 година, во семејство со српско потекло. Токму местото на раѓање и неговиот фудбалски развој го поврзаа со белгиската репрезентација. Тој настапуваше за младинските категории на Белгија, од селекцијата до 15 години, па сè до тимот до 21 година.
Во 2021 година донесе одлука да ја промени репрезентативната припадност и да го прифати повикот од Србија. За националниот тим на Србија дебитираше на пријателскиот натпревар против Катар, но тоа остана негов единствен настап.
Подоцна Свилар повторно ја промени својата одлука и изрази желба да се врати во белгиската репрезентација. Тука започна проблемот, бидејќи правилата на ФИФА не му овозможија едноставно да го направи тој чекор.
Така, иако не сака да настапува за Србија, тој не може слободно да избере друга репрезентација. Во меѓувреме, српските селектори Драган Стојковиќ и Вељко Пауновиќ во неколку наврати му испраќаа повици, но голманот ги одбиваше.
Свилар се обидува и по правен пат да ја промени ситуацијата. Тој ангажираше адвокати со цел да ја оспори одлуката на ФИФА, но засега неговиот случај останува нерешен.
Клубската кариера, пак, му се развива во сосема друга насока. Фудбалскиот пат го започна во белгиски Андерлехт, а во 2017 година се пресели во Бенфика за околу два милиони евра. Во португалскиот клуб помина четири сезони и забележа 23 настапи.
Во 2022 година, по истекот на договорот со Бенфика, Свилар без обештетување премина во Рома. Во италијанскиот клуб постепено се наметна како прв голман, а неговите одбрани му ја донесоа и престижната награда за најдобар голман во Серија А.
И покрај статусот на еден од најценетите голмани во Италија, прашањето за која репрезентација ќе брани останува без конечен одговор. Токму затоа случајот „Свилар“ е еден од поинтересните репрезентативни фудбалски случаи во Европа.

