HomeМКДЕкономијаУСТАВНИОТ СУД ЌЕ РЕШАВА ЗА ЛИНЕАРНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ

УСТАВНИОТ СУД ЌЕ РЕШАВА ЗА ЛИНЕАРНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ

Линеарното усогласување на пензиите повторно е пред Уставниот суд. На денешната седница судиите ќе разгледуваат иницијативи со кои се оспорува законската одредба што овозможува пензиите да се зголемуваат за ист износ, без оглед на нивната висина.

Спорната одредба се однесува на периодот од 1 септември 2025 до 31 март 2026 година. Подносителите на иницијативите тврдат дека со неа се отстапува од редовниот модел на усогласување предвиден во членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој ги зема предвид движењата на платите и инфлацијата.

Според нивните аргументи, еднаквото зголемување во денари не ја одразува висината на пензијата, уплатените придонеси и должината на работниот стаж. Тие сметаат дека таквиот модел им носи поголемо процентуално зголемување на пензионерите со пониски примања, во однос на оние со повисоки пензии, што го отвора прашањето за еднаквиот третман и уставната забрана за дискриминација.

На седницата ќе се разгледува и иницијатива за Законот за јавна чистота. Подносителот ја оспорува одредбата со која посебно се издвојува заштитата на централните подрачја на општините, општините во Градот Скопје и градот Скопје. Во иницијативата се наведува дека заштитата на животната средина не треба да биде ограничена само на централните градски зони.

Уставните судии ќе расправаат и за одредби од Законот за градење и Законот за Градот Скопје, поврзани со поништувањето одобренија за поставување урбана опрема.

Меѓу точките на дневниот ред се и иницијативи што се однесуваат на резолуцијата за осуда на, како што е наведено во нејзиниот назив, манипулациите на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција. Судот ќе ја разгледува и Програмата за основни геолошки истражувања за 2026 година, одлука поврзана со тарифникот за надоместоци во технолошко-индустриските развојни зони, како и одлука за урбанистички план во Општина Тетово.

На дневен ред се и барања од граѓани за заштита на слободите и правата, меѓу кои и заштита од дискриминација врз основа на социјална припадност, како и заштита на слободата на мислата и јавното изразување.

Одлуките што ќе ги донесе Судот по овие иницијативи може да имаат значење за примената на оспорените прописи и за правата на граѓаните на кои тие се однесуваат.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО