Хулијан Алварез се соочува со тежок период, поради што нема да биде во составот на Атлетико Мадрид за претстојниот натпревар против Севиља. Во шпанските медиуми се појавија тврдења дека аргентинскиот напаѓач минува низ сериозни лични проблеми и дека неговата состојба предизвикува загриженост.
Според информациите објавени од шпански медиуми, Алварез наводно има проблеми со исхраната, ослабел и во изминатиот период не успевал редовно да внесува доволно храна. Поради тоа, неговото отсуство од тимот дополнително го привлече вниманието.
Дел од извештаите ја поврзуваат неговата состојба и со неизвесноста околу иднината во Атлетико. Се пишува дека за него постои интерес од Арсенал, додека самиот фудбалер наводно би сакал трансфер во Барселона. Мадридскиот клуб, сепак, не планира лесно да се откаже од својот напаѓач и според медиумите би барал околу 150 милиони евра.
Алварез зад себе има одлична сезона. За Атлетико постигна 20 голови на 49 натпревари и запиша девет асистенции. Со аргентинската репрезентација настапуваше и на Светското првенство, а досега за националниот тим има 59 настапи и 15 погодоци.
Ситуацијата со 26-годишниот напаѓач внимателно се следи, а неговото отсуство од тимот отвори дополнителни прашања за тоа кога ќе се врати на теренот и што ќе биде неговата следна дестинација.

