Тиквеш продолжува со добрите настапи во Првата македонска фудбалска лига. Кавадарчани на домашен терен го победија Скопје со 1:0 во натпреварот од 13. коло и освоија три важни бода во борбата за врвот на табелата.
Одлуката за победникот падна во 26. минута, кога по изведен корнер од десната страна, Ренатињо најдобро се снајде во гостинскиот шеснаесетник и ја затресе мрежата на Скопје.
Гостите во второто полувреме се обидоа да стигнат до израмнување, но домашната одбрана успешно ги одби нападите и не дозволи промена на резултатот. Тиквеш на крајот ја забележа шестата победа во првенството.
Со освоените три бода, кавадарчани стигнаа до вкупно 24 и ја задржаа третата позиција. Пред нив се Шкендија со 27 и Струга Трим Лум со 26 бодови.
Токму лидерите утре во Струга ќе ги одмерат силите во директен дуел, додека Вардар, кој има 21 бод и се наоѓа на четвртото место, ќе гостува кај петтопласираниот Силекс, кој досега освои 17 бода.
Резултатите од овие две дерби-средби можат значително да влијаат врз изгледот на врвот на табелата и понатамошната трка за шампионската титула.

